Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утре ќе започне со интервјуата на 10-те кандидати кои се во трка за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Постапката, која беше стопирана поради локалните избори, продолжува откако Собранието врши повторен избор на прв човек на антикорупциска по оставката на Татјана Димитровска, која е осомничена за вмешаност во случајот „Адитив“.
На последната седница на Комисијата беше констатирано дека 10 од 12 пријавени кандидати ги исполнуваат условите.
Во трката се Весна Доревска, Владимир Наумоски, Антонио Санев, Бранко Смилевски, Валентина Тодоровска, Ненад Трифуновски, Благица Трошанска, Кимо Чавдар, Адем Чучуљ и Феузи Џафери.
Интервјуата ќе се одвиваат утре и во среда.
Според процедурата, Комисијата за селекција (составена од седум члена) во рок од три дена по интервјуата треба да утврди ранг-листа.
Оваа ранг-листа потоа се доставува до Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која во рок од два дена, најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието во единствена предлог листа.

