Советот на Град Скопје на вчерашната седница именуваше 117 вршители на должност членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија и установи. Одлуката беше донесена по бурна расправа, бидејќи советниците гласаа без да имаат увид во професионалната подготвеност и образованието на кандидатите.

Координаторката на СДСМ, Катерина Цаневска Арсовска, упати остри критики за овој начин на работа, посочувајќи дека се гласало само врз основа на имиња.

„Треба да гласаме за 117 членови на управни и надзорни одбори, а ние не знаеме кои се тие луѓе, освен нивните имиња. Не бараме матични броеви или број на кондури, туку информации за тоа што имаат завршено и како можат да придонесат во работата на претпријатијата и установите. Мора да имаме нивни биографии“, изјави Цаневска Арсовска.

Таа додаде дека ваквата пракса е спротивна на ветувањата за транспарентност. Од опозицијата обвинија дека биографиите биле доставени само до комисиите, но не и до сите советници, со оправдување дека содржат лични податоци.

Од друга страна, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги отфрли обвинувањата за нетранспарентност и партизација на институциите.

„Јас никогаш партијата не ја ставам пред интересите на граѓаните. Сите кандидати имаат професионално и стручно искуство и уверен сум дека ќе придонесат во решавањето на проблемите во јавните претпријатија“, изјави Ѓорѓиевски.

Exit mobile version