Руската престолнина Москва се соочува со историски снежни врнежи откако денеска беше измерена висина на снегот од 61 сантиметар. Со ова е надминат досегашниот рекорд поставен во 1994 година, кога максималните наноси изнесуваа токму 61 сантиметар.

Евгениј Тишковец, водечки експерт од метеоролошкиот центар „Фобос“, за „РИА Новости“ потврди дека нивото на снег продолжува да расте поради непрекинатите врнежи.

„Според референтната метеоролошка станица ВДНХ, како резултат на непрекинатото паѓање снег, неговото ниво порасна на 61 сантиметар, што претставува зголемување од три сантиметри за 24 часа“, изјави Тишковец.

Според неговите податоци, во одредени делови на градот состојбата е уште подраматична. Во центарот на Москва, поточно во реонот на Балчуг, измерени се 69 сантиметри снег, додека во Тушино висината изнесува 63 сантиметри. Метеоролозите посочуваат дека во Московската област најкритично е во Черусти со 68 и во Серпухов со 66 сантиметри снежна покривка.

Exit mobile version