Православните верници денес го чествуваат споменот на Свети Антониј Велики, кој се смета за татко на монаштвото и еден од најзначајните подвижници во христијанската историја. Роден околу 250 година во Египет, Антониј по смртта на своите богати родители го раздал имотот на сиромасите и се повлекол во пустина.
Повеќе од дваесет години поминал во целосна изолација на брегот на Црвеното Море. Неговото упорство во молитвата и трпението при искушенијата му донеле светска слава, по што околу него се собрале бројни ученици.
Иако не поседувал формално образование, Свети Антониј станал советник на најучените луѓе на своето време. Забележано е дека при една средба со елинските филозофи кои го искушувале, тој ги запрашал:
„Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“
Откако одговориле дека разумот е постар, светителот ги засрамил укажувајќи дека разумот е тој што ја создава книгата.
Во текот на својот долг живот, само двапати ја посетил Александрија – еднаш за да ги поддржи мачениците во време на прогоните, а вториот пат на повик на Свети Атанасиј Велики за да ги побие учењата на Ариевците. Свети Антониј се упокоил во 356 година, во својата 105-та година, оставајќи зад себе војска од следбеници кои го продолжиле неговиот пат на подвижништво.

