Услугите на МВР поблиску до граѓаните: Отворена нова канцеларија во Јегуновце
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети Полициското одделение во Јегуновце каде присуствуваше на отворање нова канцеларија на управните служби на МВР која ќе функционира во рамките на одделението.
Министерот Тошковски нагласи дека отворањето на канцеларијата е дел од посветеноста на ова раководство на МВР да ги доближи своите услуги поблиску до граѓаните за кои истите и се наменети.
„Само со доближување на услугите кои се наменети за граѓаните, вистински ќе го унапредиме квалитетот на животот и работењето на граѓаните. Од денес над 12.000 жители од Јегуновце, селата и месните заедници коишто гравитираат во општината ќе можат побрзо да дојдат до својот личен документ или услугата која им е потребна од управните служби. Ние како раководство на МВР и Влада сме посветени на унапредување на сите процеси кои услугите на државата ќе направат дигитални и поблиски до граѓаните.“, нагласи министерот Тошковски.
Министерот Тошковски образложи дека со отворање на оваа канцеларија исто така ќе се ослободи притисокот врз канцелариите на управните служби при СВР Тетово со што граѓаните од Тетово полесно и побрзо ќе имаат пристап до услугите и дека такви канцеларии во следниот период ќе се отвораат повеќе во низа се со цел граѓаните да имаат побрз пристап до услугите кои им се потребни.
Тошковски уште еднаш потсети дека гужвите кои се создаваа со промена на личните документи со новото уставно име се минато и потсети дека рокот на возачките дозволи со старото уставно име е до 31.12.2024 и ги повика граѓаните кои досега не ги замениле да го направат тоа во утврдениот рок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа