По долги години административни лавиринти и чекање, денеска и официјално е соопштено: започнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала во Скопје. Министерството за култура и туризам информираше дека Државната комисија за жалби ја одбила последната жалба, со што и дефинитивно е потврден изведувачот.
Градежните работи ќе се изведуваат по принципот „клуч на рака“, а амбициозниот план предвидува салата да биде целосно завршена до декември 2027 година. Ова е клучен дел од подготовките на метрополата за престижната титула „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
„Скопје конечно ќе добие модерна и репрезентативна културна институција која ќе биде домаќин на врвни концерти и фестивали. Ова е инвестиција во иднината на македонската култура“, велат од Министерството.

