Агенцијата на Обединети нации за бегалци (УНХЦР) денеска објави дека повеќе од 100.000 луѓе се внатрешно раселени во Јемен по обновениот конфликт во земјата, а илјадници други бегаат преку Црвеното Море кон африканската земја Џибути.

Според УНХЦР, изминатите четири дена повеќе од 2.400 луѓе го преминале Аденски Залив и пристигнале во Џибути. Над 60 проценти од бегалците се жени, деца и стари лица.

Јеменските бунтовници, Хути, кои претходно контролираа голем дел од северниот дел на земјата, вклучително и главниот град Сана и Ходеида, само за неколку дена напредуваа долж брегот и минатата недела го освоија пристанишниот град Мока. Потоа ја презедоа контролата врз брегот и островите во Црвеното Море, а следниот ден ја консолидираа својата контрола врз стратешкиот теснец Баб ал-Мандеб, низ кој поминува морскиот сообраќај кон и од Суецкиот канал.

– Пристапот до хуманитарни средства останува голем предизвик. Несигурноста, уништените патишта, прекинатите телекомуникации и ограничувањата за движење влијаат на нашите операции, се наведува во соопштението на УНХЦР.

Во борбите изминатите недели загинаа стотици луѓе, а УНХЦР стравува од „понатамошно внатрешно раселување во Јемен и дополнителни движења на бегалци доколку борбите се интензивираат“.

Exit mobile version