Само на 12 години, Македон Димитровски постигна голем успех – примен е во престижната Програма за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД.

Информацијата ја објави неговиот татко на социјалната мрежа на Фејсбук, Владимир Димитровски, кој на социјалните мрежи сподели дека семејството е особено гордо на постигнувањата на Македон.

Програмата, со седиште во Балтимор, Мериленд, е наменета за ученици со исклучителни академски способности од целиот свет.

По тестирањето, Македон го добил и престижното признание „Grand Honors / SET“, за исклучителни резултати по математика и вербални способности.

„Grand Honors“ е признание за исклучително високи резултати во рамките на CTY тестирањето, додека „SET“ – „Study of Exceptional Talent“ – е програма на „Џонс Хопкинс“ за ученици кои постигнуваат резултати значително над очекуваното за нивната возраст.

Неговиот успех е уште позначаен ако се има предвид дека на само 11 години постигнал 1.440 поени на SAT-тестот – 740 поени по математика и 700 поени од читање и пишување.

Македон зад себе има и повеќе од 20 златни медали освоени на меѓународни математички натпревари.

Неговиот татко во објавата истакна дека зад сите бројки и признанија стои огромна љубов кон знаењето и порача дека семејството не може да биде погордо.

-Македон, продолжи да веруваш во себе. Ова е само почеток, пишува на Фејсбук неговиот татко.

Exit mobile version