Непознати сторители со и сериозно техничко знаење провалиле во хангар на аеродромот Маутерндорф во Австрија и го украле хеликоптерот „Робинсон Р44“, вреден околу 600.000 евра, кој за панорамски летови го користи поранешниот олимписки шампион во скијачки скокови, Томас Моргенштерн.

Леталото полетало ноќта меѓу недела и понеделник, околу 1:50 часот, а последниот радарски контакт бил регистриран во 4:20 часот утрото во хрватскиот воздушен простор над островот Паг. Според истражителите, крадците внимателно ја испланирале акцијата – ги свртеле безбедносните камери, ги покриле веб-камерите, ги отстраниле транспондерот и уредот ELT за да останат невидливи за цивилните радарски служби, а со себе однеле и 365 литри гориво.

Летањето низ Алпите во текот на ноќта било исклучително ризично бидејќи овој модел не е сертифициран за ноќни летови, па крадците се потпирале единствено на светлината од месечината. Во потрагата по летечкото возило со ознака OE-XHK сега заеднички соработуваат полициите од Австрија, Словенија и Хрватска.

Од компанијата на познатиот спортист упатија и официјален апел до јавноста преку социјалните мрежи:

– Ве молиме обрнете внимание на овој хеликоптер. Нашиот хангар е провален и хеликоптерот е украден. Последниот контакт беше утрово во 4:20 часот во хрватскиот воздушен простор, пишува во објавата на Инстаграм страницата на компанијата.

Exit mobile version