Украинските сили извршија серија напади врз цели во рускиот град Сочи, при што според украински извори, со поморски дрон е погоден руски брод, а регистриран е и пожар во складиште за нафта во близина на градското пристаниште.
Украинската воена морнарица објави видеоснимка на која се гледа пожарот по нападот врз бродот „Нефрит“. Според соопштението од морнарицата, ова пловило било дел од руската поморска и енергетска инфраструктура и се користело за операции поврзани со нафта и гас, превоз на товар и персонал, како и за подводни технички работи.
Во текот на ноќта, на руските канали на „Телеграм“ се појавија снимки од пожар во складиште за нафта во централниот дел на Сочи, за кој се наведува дека избил по воздушен напад.
Одделни извештаи посочуваат дека една од експлозиите се случила во непосредна близина на рускиот противвоздушен систем „Панцир“ сместен во пристаништето, но засега нема потврда дали самиот систем е оштетен.
Овие акции се дел од пошироката украинска стратегија за гаѓање на руската енергетска и поморска инфраструктура со цел да се нарушат логистичките линии. Според информациите од Киев, само во текот на јули украинските сили погодиле десетици руски пловила во Црното и Азовското Море, меѓу кои и бродови поврзани со таканаречената „флота во сенка“.
„Флотата во сенка“ се состои од мрежа на постари бродови кои превезуваат руска нафта под санкции, пловејќи под знамиња на трети земји. Според украински проценки, овие пловила превезуваат околу 75 проценти од руската нафта опфатена со санкции.
Градот Сочи, кој се наоѓа на околу 650 до 700 километри од украинската граница, има стратешка и политичка важност, а во него се наоѓа и официјалната летна резиденција на рускиот претседател Владимир Путин.


