Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение изрази реакција во врска со годинашната листа на добитници на државната награда „8 Септември“, посочувајќи дека меѓу наградените спортувачи и спортски работници нема ниту еден претставник од албанската заедница.
Од партијата соопштуваат дека меѓу добитниците на признанието за животно дело и останатите државни награди за спортски достигнувања отсуствуваат албански спортисти и тренери.
„0 Албанци. Ниту еден спортист, ниту еден тренер, ниту еден албански претставник не беше достоен за ова државно признание“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Според партијата, ваквиот избор го одразува односот на државните институции кон придонесот на Албанците во спортот, нагласувајќи дека тие остваруваат значајни резултати и освојуваат медали за земјата на меѓународно ниво.
„Кој е критериумот поради кој Албанците стануваат невидливи дури и кога станува збор за спортски и професионални достигнувања? Дали ова е „правичната и соодветната застапеност“ што ја ветуваше ВРЕДИ? Или е уште еден доказ дека Албанците се третираат како граѓани од втор ред?“, прашуваат од партијата.
Од ДУИ упатија барање до надлежните за целосно објавување на критериумите, постапката и составот на комисијата која одлучувала за доделувањето на државните награди.
„Затоа што 0 Албанци не може секогаш да биде случајност. Кога исклучувањето се повторува, тоа станува политика“, порачуваат од ДУИ, додавајќи дека нема да премолчат пред, како што велат, политики на занемарување на придонесот на Албанците.


