Второобвинетиот во предметот „Лотарија на Македонија“, Артан Груби, повеќе не е во куќен притвор откако истекоа законските 60 дена од поднесувањето на обвинителниот предлог, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот или куќниот притвор определен по поднесен обвинителен предлог не може да трае подолго од 60 дена. Со оглед на тоа што обвинителниот предлог бил поднесен на 13 август 2026 година, судот морал да ја укине мерката по сила на законот.
Press24
По укинувањето на куќниот притвор, на Груби му се определени три мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска повремено да се јавува во суд, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со одредени лица.
Истовремено, Кривичниот совет го одбил предлогот на одбраната за враќање на патната исправа со дадена гаранција, имајќи предвид дека надлежното јавно обвинителство дало негативно мислење. Мерката за одземање на пасошот и забраната за издавање нов документ остануваат во сила.
Случајот против Груби се води под број К.бр. 1494/26.

