Со измерени 34 литри на метар квадратен, Крушево е градот со најмногу врнежи во изминатите 24 часа, додека најмалку дожд, по четири литри, наврнал во Велес и Кавадарци.

Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), по Крушево, највлажно било во Претор со 30 литри, Маврови Анови со 28 и Лазарополе со 23 литри на метар квадратен.

Во Прилеп и Пожаране се измерени 18 литри, во Берово 16, Тополчани 14, Радовиш 12, а во Струмица и Попова Шапка по 11 литри. Во главниот град, на мерното место кај Зајчев Рид наврнале 8 литри, исто колку и во Куманово и Гевгелија.

Ваквото време ќе продолжи и во наредните денови под влијание на нова циклонска активност. Утре и за време на викендот се очекуваат пообилни врнежи (над 30 литри за 24 часа), локално во форма на невреме со грмежи и засилен ветер.

Од недела се очекува значителен пад на температурите, при што на повисоките планини дождот ќе премине во слаб снег.

Exit mobile version