За секое прваче во Кисела Вода – бесплатен ранец и училишен прибор, најави денеска градоначалничката Бети Стаменковска- Трајкоска.
-Драги сограѓани, почитувани родители на нашите идни првачиња,
Првиот училишен ден е празник за секое семејство.
Мојата цел како ваш градоначалник, е тој ден да биде исполнет исклучиво со детски насмевки, а не со финансиски грижи за вашиот домашен буџет!
Затоа, и оваа година ја продолжуваме оваа убава традиција.
Општина Кисела Вода ќе додели бесплатен анатомски ранец и училишен прибор за секое прваче! Со оваа мерка ќе опфатиме околу 530 ученици кои од септември тргнуваат во прво одделение во сите наши осум општински основни училишта.
Обезбедуваме сè што им е неопходно – квалитетен ранец, тетратки и комплетен прибор за успешен почеток на наставата.
Мојот апел до сите вас е јасен: не се изложувајте на трошоци и не купувајте ранци и прибор, бидејќи ние се погриживме за тоа.
Сакам да нагласам дека за добивање на оваа поддршка не ви се потребни апсолутно никакви критериуми, ниту пак дополнителни административни процедури.
Мерката важи автоматски за сите запишани првачиња во општината.
Продолжуваме посветено да работиме на решенија кои вистински го олеснуваат секојдневието на вашите семејства.
На нашите најмлади им посакувам среќни училишни денови, а вам, како родители, мирен и радосен почеток на учебната година!, напиша таа.


