Тројца државјани на Република Бугарија се уапсени вчера во Демир Хисар поради сомнение за кражба и незаконско изнесување културно наследство од земјата, информира Министерството за внатрешни работи.
На 09 декември 2025 во 11:50 часот, на улицата „Вељко Влаховиќ“, полициски службеници од ОВР Демир Хисар ги лишиле од слобода А.К. (44), К.К. (48) и В.Г. (50), кои биле затекнати во две возила со бугарски национални ознаки – „Фолксваген Голф“ и комбе „Пежо Боксер“.
При преглед на возилата, полицијата пронашла предмети и делови од македонски народни носии, за кои уапсените не можеле да го докажат потеклото. Етнолог од Музејот во Битола утврдил дека се работи за елементи од традиционални носии што претставуваат културно наследство со забрана за продажба и изнесување во странство без дозвола.
Тројцата осомничени се задржани во полициската станица. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава за кривичните дела „кражба“ и „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.

