Албанската полиција го уапси 29-годишниот Сократ Вата, осомничен за убиството на францускиот турист во Ксамил, откако се обидел да побегне и да се скрие во багажник на автомобил.
Крвавиот инцидент заврши трагично за младиот француски државјанин, чие тело беше пронајдено во раните утрински часови.
„Жртвата, 20-годишниот Мигел Мендес, беше пронајдена без знаци на живот во раните утрински часови на лежалка на плажа во Ксамил“.
Според првичните информации од полицијата, постојат сомневања дека тој бил избоден со нож.
Како осомничен за нападот веднаш беше посочен 29-годишниот Сократ Вата од северниот албански град Хас, кој по инцидентот побегна од местото на настанот. По него беше организирана обемна полициска потрага.
Осомничениот на крајот бил лоциран и пронајден на контролен пункт во Леван, во областа Фиер.
Полицијата го открила Вата скриен во багажникот на автомобил управуван од 31-годишна турска државјанка, а во возилото се наоѓал и уште еден 38-годишен турски државјанин.
Осомничениот и двајцата турски државјани биле приведени и спроведени во Регионалната дирекција на полицијата во Валона за понатамошни процесни дејствија.
Истражните органи под раководство на Обвинителството продолжуваат да работат на целосно расветлување на случајот и утврдување на мотивите кои му претходеле на смртоносниот напад.


