Современата одбрана не треба да се сведува само на одговор на веќе настанатите закани, туку мора да се заснова на нивно предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност на државата, порача претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод 18 Август – Денот на Армијата во Охрид.

Во своето обраќање, таа се осврна на новите предизвици и технолошкиот развој во воениот сектор.

„Границите меѓу конвенционалните и хибридните закани се нејасни. Беспилотните системи, киберпросторот и вештачката интелигенција веќе непосредно влијаат врз начинот на кој се планира, изведува и поддржува современото војување“, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката потенцираше дека главниот фокус на одбранбениот систем треба да биде превенцијата.

„Не треба да ја романтизираме војната, туку треба да ја избегнуваме и да ја превенираме оти највисокиот успех на одбраната е да создаде услови за таа да не се случи“, порача претседателката.

Говорејќи за развојот на Армијата од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година па сè до денес, таа го истакна нејзиниот професионален капацитет.

„Со сигурност тврдам дека македонската Армија не е почетничка, туку високоорганизирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили, војничка дисциплина и стаменост“, рече таа.

Сиљановска-Давкова го подвлече и меѓународниот ангажман, истакнувајќи дека во моментот 183 армиски припадници учествуваат во мировни мисии.

„Македонскиот придонес кон безбедноста не завршува во рамките на сопствените национални граници, туку ги надминува во мировни цели“, истакна Сиљановска-Давкова, додавајќи дека „колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност“.

На крајот, претседателката ја истакна високата доверба што Армијата ја ужива кај граѓаните при справување со природни непогоди, а посебен акцент стави и на улогата на жените, потсетувајќи дека годинава трите најдобро рангирани питомци на Воената академија се жени и иницирајќи формирање регионален центар за извонредност на жените во одбраната.

Exit mobile version