Уште еден пациент кај кого лабораториски била потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска почина на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје, со што бројот на смртни случаи во земјава се искачи на четири.
Информацијата денеска ја потврди директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, кој изнесе детали за моменталната состојба со хоспитализираните пациенти.
„Уште еден пациент во тешка здравствена состојба кај кого претходно лабораториски беше потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска почина на Универзитетската клиника за инфективни болести. Хоспитализирани се 20 пациенти со западнонилска треска од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два случаја се водат клинички како суспектни. На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика и кај нив се одвива лекувањето според сите клинички протоколи“, изјави д-р Цана.
Починатиот пациент бил на 76-годишна возраст и речиси еден месец се лекувал на клиниката.
Поради дополнителните придружни сериозни заболувања и тешката невроинвазивна форма на мозокот и мозочната обвивка, во доцните попладневни часови кај него настапил летален исход.
Досега во земјава од оваа болест се излекувани и отпуштени 15 лица, додека сите моментално хоспитализирани пациенти се од подрачјето на Скопје.
„Тоа што и ние како клиничари го предвидувавме со вчерашниот ден се потврди дека кај 25-годишната пациентка која се водеше како клинички суспектна, се потврди невроинвазивна форма на инфекција. Но, во меѓувреме синоќа е хоспиталзииран и 24-годишен пациент, кој се води како суспектен случај и во текот на денешниот или утрешниот ден ќе знаеме дали ќе се потврди клиничката дијагноза. Тој живее во Центар“, рече д-р Цана.
Директорот на Инфективна појасни дека само најтешките форми на инфекцијата бараат болнички третман.
„Сите кои се хоспитализирани на клиниката се со невроинвазивна форма. Тие се еден процент од 100 отсто заболени. Според статистиката, најтешка форма на болеста развиваат еден отсто од вкупниот број инфицирани. Сите пациенти се од Скопје. Медицински напреднатата возраст е независен ризик фактор за лошиот исход на оваа болест. Според сите статистики и истражувања досега е утврдено дека кога има тешка невроинвазивна форма на воспаление на мозокот и мозочната обвивка напредната возраст е независен ризик фактор кој може да доведе до лош исход“, додаде д-р Цана.


