Македонија е безбедна и стабилна држава, а Армијата претставува столб на стабилноста и институција на која граѓаните и партнерите можат да се потпрат, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Тој посочи дека модернизацијата на армиските капацитети се реализира во согласност со планираната динамика, со набавка на современо вооружување, инфраструктурни инвестиции и подобрување на условите за работа.
„Повеќе од јасно е дека конвенционалното војување е променето и за да се биде подготвен за одговор, потребно е да се направи адаптација во сфаќањето и одбраната“, рече Мисајловски.
Според министерот, во тек се набавки на артилериски и противвоздушни системи, беспилотни летала, опрема за киберзаштита и комуникациски системи.
„Процесот на модернизација на Армијата се реализира во согласност со сите наши планови. Пристигна многубројна опрема“, истакна министерот, додавајќи дека годинава се очекува и пристигнувањето на првите два нови хеликоптери.
За инфраструктурни проекти во следниот период се предвидени над 12 милиони евра, а досега се инвестирани повеќе од 3,1 милиони евра. Покрај тоа, најавено е повторно ставање во функција на Центарот за обука на пилоти и формирање нова катедра за воено воздухопловство на Воената академија.
„Во следниот период продолжуваме со уште позасилено темпо да ја развиваме Армијата – со повеќе набавки од секој вид опрема, со силни инвестиции за инфраструктурата на Армијата, со повеќе вежби и повеќе обуки“, порача Мисајловски.
Говорејќи за финансирањето, тој напомена дека буџетот за одбрана годинава достигнува над четири проценти од БДП.
„На тој начин ги зацврстуваме нашата безбедност, безбедноста на регионот и на источното крило на НАТО. Во исто време покажуваме дека сме кредибилен и доверлив сојузник во рамките на алијансата“, рече тој.
Мисајловски го истакна и учеството на македонските војници во меѓународните мисии во Латвија, Бугарија, Романија и Косово, најавувајќи го и подобрувањето на нивниот работен статус преку нов колективен договор.


