Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Јулија Тушевска, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет на која се дискутираше Предлог Буџетот за 2027 година, се осврна на секторите образование и здравство.
„Кога зборуваме за приоритетите не можеме да ги изоставиме здравството и образованието. Во здравството се предвидени средства од 8,127 милиони денари за Министерството за здравство, што претставува раст од 5,2% во однос на последниот буџетски план за 2026 година“, кажа Тушевска.
Таа додаде дека посебно внимание е насочено кон лекувањето на ретките болести како и на превентивните здравствени програми.
„Тоа се области кои директно влијаат врз квалитетот на здравствена заштита и животот на граѓаните. Секако, од здравствениот систем секојдневно се очекуваат повеќе резултати, подобри услови, поквалитетни услуги и поголема достапност на здравствената заштита. Но токму затоа се потребни и континуирани вложувања и системски реформи. Во образованието продолжуваат инвестициите за подобрување на условите во кои учат нашите деца. Се градат и се реконструираат училишта, се реконструираат студентски домови, се градат нови градинки, спортски сали. Она што е важно дека овие инвестиции не остануваат само на ниво на најави, туку се реалност. Она што сакам да го истакнам е дека се предвидува зголемување на средствата за предучилишно и основно образование за 19,3% односно за 451 милион денари како и раст од 7,1% кај средното образование“, истакна таа.
Пратеничката посочи дека значајно е зголемувањето на средствата за регионалните центри за стручно образование и обука, а според неа, ова е особено важно затоа што мора образовниот систем да одговара на потребите на современата економија и пазарот на трудот.
„Инвестицијата во образованието не е трошок, тоа е инвестиција во иднината на државата. Посебно внимание заслужуваат инфраструктурата, земјоделието и развојот на општините. Капиталните расходи во предолг буџетот се планирани на 40,822 милијарди денари. Овие средства треба да придонесат за реализација на проекти кои имаат долгорочна вредност за државата“, потенцираше Тушевска

