Трудо: Трамп соработува со Путин
Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска изјави дека американските царини за Канада се глупави и рече дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, се обидува да соработува со рускиот претседател Владимир Путин, додека води трговска војна против најблискиот сојузник – Канада.
Трудо истакна дека Канада ќе воведе одмазднички царини за американски стоки во вредност од повеќе од 100 милијарди долари како одговор на тарифите на Трамп од 25 отсто, пренесува АП.
Денес, Соединетите Американски Држави започнаа трговска војна против Канада, нејзиниот најблизок партнер и сојузник, нејзиниот најблизок пријател. Во исто време, тие зборуваат за позитивна работа со Русија, за смирување на Владимир Путин, лажлив, убиствен диктатор“, рече Трудо.
Тој го обвини Трамп дека се обидува да ја уништи канадската економија за да ја олесни „анексијата“ на Канада и да ја направи 51-ва сојузна држава.
„Сакам директно да разговарам со еден конкретен Американец, Доналд. Не ми е навика да се согласувам со Wall Street Journal, но Доналд, тие истакнуваат дека ова е многу глупаво, иако си ти многу паметен тип“, додаде Трудо.
Канадскиот премиер рече дека граѓаните на таа земја се лути поради воведените санкции и додаде дека Канаѓаните ќе продолжат да свиркаат додека се свири американската химна, што се случи неодамна на спортски настан меѓу Канада и САД.
Во вторникот Трамп предупреди дека американските царини, доколку Канада воведе царини и за американски стоки, „веднаш“ ќе се зголемат на нивото на канадските царини.
Трамп воведе царини од 25 отсто за канадска и мексиканска стока, а ги ограничи на 10 отсто кога станува збор за увоз на канадска енергија во САД, пренесува Танјуг.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа