Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во своето гостување во „Наткаст“ информираше дека целта на новините во програмата е зголемување на земјоделското производство.
„Една од новините што ги предвидува Програмата е зголемување на праговите за тоа кој може да биде корисник на субвенции. Површината за овошни и лозови насади од 0,2 хектари се зголемува на 0,5 хектари, а кај полјоделските култури од 0,5 на 0,7 хектари. Во делот на сточарството, досега се субвенционираа и една или две крави, но сега субвенционирањето ќе започнува од третата крава па нагоре“, истакна министерот.
Тој појасни дека кај овчарството минималниот број грла останува 30, додека кај козарството прагот се зголемува од 10 на 30 грла. Кај пчеларството, минималниот број пчелни семејства се зголемува од 10 на 30.
Министерот Трипуновски нагласи дека сите земјоделци кои што биле досега или ќе бидат под овие прагови, нема да бидат елиминирани од субвенции наредните две години.


