Албанскиот премиер објави реконструкција на владата „Рама 4“, формирана во септември минатата година по парламентарните избори одржани во мај. Промените опфаќаат повеќе министерства и значајни кадровски рокади во извршната власт.
Од Владата заминува вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, која е осомничена за корупција од страна на Специјалното обвинителство за корупција и организиран криминал (СПАК). Нејзината позиција вицепремиер ќе ја преземе актуелната министерка за внатрешни работи, Албана Кочиу.
Во рамки на реконструкцијата повторно се формира Министерството за инфраструктура и енергетика, на чие чело ќе застане Енеа Каракачи. Поранешниот амбасадор на Албанија во Европската Унија, Ферит Хоџа, е именуван за министер за Европа и надворешни работи, функција што досега ја извршуваше Елиса Спиропали.
Промени има и во ресорите правда и внатрешни работи. Бесфорт Ламалари ја напушта функцијата министер за правда и преминува на позицијата министер за внатрешни работи, додека Министерството за правда ќе го води Тони Гогу.
Реконструкцијата ја опфаќа и одбраната, каде Пиро Венгу заминува од министерската функција, а негов наследник ќе биде Ермал Нуфи. За министерка за односи со Парламентот е назначена Ерјона Исмаили.


