Трамп за нов шеф на НАСА го избра Ајзакмен, близок соработник на Маск
Претседателот Доналд Трамп направи изненадувачки избор за нов шеф на НАСА, назначувајќи го Џаред Ајзакмен, близок соработник на Илон Маск и основач на програмата Поларис. Оваа одлука ја зацврстува врската меѓу Белата куќа и вселенската индустрија, особено со компанијата СпејсХ на Маск, која игра клучна улога во амбициозните планови на НАСА за враќање на луѓето на Месечината.
Ајзакмен, пилот и комерцијален астронаут и извршен директор на компанијата за обработка на плаќања „Shift4 Payments“, ја води приватната програма Поларис, што се користи со леталата на СпејсХ за испраќање астронаути во орбитата.
Доколку биде потврдена номинацијата, Ајзакмен ќе го контролира буџетот на НАСА од 25 милијарди долари, фокусиран на враќањето на човекот на Месечината како дел од програмата Артемис, проект вреден повеќе милијарди долари промовиран од Трамп во неговиот прв мандат, а кој во голема мера ќе се потпира на ракетата Старшип на СпејсХ.
Последните двајца директори на НАСА беа поранешни политичари. Првиот беше избор на Трамп, поранешниот конгресмен од Оклахома, Џим Брајденстајн, кој ја започна програмата Артемис и го убеди Конгресот да го зголеми буџетот на агенцијата за да го финансира. Вториот, како избор на Бајден беше поранешниот сенатор од Флорида, Бил Нелсон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа