Американскиот претседател Доналд Трамп за прв пат го коментираше резултатот од изборите за градоначалник на Њујорк, каде што победа забележа Зохран Мамдани, обвинувајќи ги демократите за „екстремизам“.
На економски самит во Мајами, Трамп го нарече Мамдани „комунист“ и истакна дека изборниот резултат, според него, ја отсликува политиката на Демократската партија.
„Ако сакате да видите што демократите сакаат да направат со Америка, само погледнете го резултатот од Њујорк, каде нивната партија постави комунист за градоначалник на најголемиот град во земјата“, рече Трамп.
Сепак, тој додаде дека и покрај критиките, е „отворен“ за соработка со градот и можеби ќе обезбеди федерална помош. „Ќе видиме како ќе испадне. И ќе им помогнеме. Сакаме Њујорк да биде успешен“, рече Трамп.
Претходно, Трамп предупреди дека, доколку Мамдани победи, може да го намали федералното финансирање на градот „на апсолутниот минимум што е законски потребен“.
Новите изјави доаѓаат по изборната победа на Мамдани над републиканецот Кертис Слива и поранешниот гувернер Ендрју Куомо, кој се кандидираше како независен.

