Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Кратово порача дека очекува наскоро позитивен исход и „добри вести“ за македонските граѓани во однос на визниот режим со САД. Тој појасни дека актуелната суспензија не е насочена кон сите граѓани, туку се однесува исклучиво на имиграциските визи, додека туристичките и студентските визи продолжуваат да се издаваат без пречки.
Мицкоски упати апел до јавноста за трпение и најави дека во деновите што следат ќе има информации кои ќе ги потврдат добрите односи со Вашингтон.
„Мислам дека во деновите кои следат ќе има добри вести за македонските граѓани кога станува збор за овој тип на односи со нашиот стратешки партнер. Јас би бил внимателен и трпелив“, изјави премиерот.

