Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да укине деловни и туристички визи за потенцијално до 200.000 странци кои поднеле барање за азил во САД или во моментов се во постапка за добивање азил. Доколку мерката биде спроведена во овој обем, тоа би било најголемото масовно укинување визи во еден потег во американската историја.
Според документи на Стејт департментот до кои дошла „Асошиејтед прес“, мерката би се однесувала на визите Б1 и Б2 издадени од 2016 до 2026 година на лица кои по влегувањето во САД побарале азил. Одлуката треба да се спроведува во координација со Министерството за внатрешна безбедност.
Од Стејт департментот велат дека целта е да се идентификуваат странци кои влегле во земјата како краткорочни посетители, а потоа побарале азил со намера да останат трајно. Засега не е познат точниот број на визи што ќе бидат укинати.
Американските власти нагласуваат дека укинувањето на визата нема автоматски да значи и депортација. Лицата чии барања за азил сè уште се разгледуваат би можеле да го изгубат статусот на туристички или деловни посетители, но нивната постапка за азил би продолжила.
Од почетокот на вториот мандат на Трамп, американската администрација дополнително ги заостри правилата за издавање визи, вклучително и со дополнителни проверки на активностите на социјалните мрежи и ограничувања за граѓани од одредени земји. Во последните 18 месеци Стејт департментот веќе укинал околу 175.000 визи од различни причини.


