Бројот на првачиња во Македонија континуирано се намалува, но падот не може да се објасни само со нискиот наталитет. Споредбата меѓу бројот на живородени деца и бројот на ученици кои шест години подоцна се запишуваат во прво одделение покажува дека од секоја генерација недостигаат стотици, а во поновите години и илјадници деца.
| Родени во | Живородени | Учебна година кога главно стануваат првачиња | Првачиња | Разлика | Помалку |
|---|---|---|---|---|---|
| 2011 | 22.770 | 2017/18 | 21.656 | -1.114 | 4,9% |
| 2012 | 23.568 | 2018/19 | 22.130 | -1.438 | 6,1% |
| 2013 | 23.138 | 2019/20 | 21.687 | -1.451 | 6,3% |
| 2014 | 23.596 | 2020/21 | 21.785 | -1.811 | 7,7% |
| 2015 | 23.075 | 2021/22 | 21.366 | -1.709 | 7,4% |
| 2016 | 23.002 | 2022/23 | 20.932 | -2.070 | 9,0% |
| 2017 | 21.754 | 2023/24 | 19.848 | -1.906 | 8,8% |
| 2018 | 21.333 | 2024/25 | 17.984 | -3.349 | 15,7% |
| 2019 | 19.845 | 2025/26 | 17.921 | -1.924 | 9,7% |
| 2020 | 19.031 | 2026/27* | ~14.500 | ~-4.531 | ~23,8% |
Во учебната 2017/18 година во прво одделение биле запишани 21.656 ученици. Во 2025/26 бројката паднала на 17.921, што е намалување од 3.735 првачиња или повеќе од 17 проценти за осум години.
За новата учебна 2026/27 година досега се запишани околу 14.500 првачиња. Бројката сè уште не е конечна, бидејќи уписите продолжуваат до крајот на септември, но ако остане приближно на ова ниво, падот во однос на 2017 година би бил околу една третина.
Се раѓаат помалку деца, но не сите стигнуваат до училиште
Падот на наталитетот е очигледен. Во 2011 година во Македонија биле родени 22.770 деца, а во 2020 година 19.031. Тоа е намалување од околу 16 проценти.
Но споредбата со бројот на првачиња шест години подоцна покажува уште еден тренд.
Од 22.770 деца родени во 2011 година, во учебната 2017/18 во прво одделение се запишале 21.656 ученици. Разликата е околу 1.100 деца.
Кај генерацијата родена во 2016 година, разликата веќе надминува 2.000. Тогаш биле родени 23.002 деца, а во учебната 2022/23 во прво одделение имало 20.932 ученици.
Уште поголема е разликата кај генерацијата од 2018 година. Тогаш биле родени 21.333 деца, а шест години подоцна, во учебната 2024/25, во прво одделение се запишале 17.984 ученици. Тоа се околу 3.350 деца помалку, или речиси 16 проценти од генерацијата.
Од 19.031 родени во 2020, досега само околу 14.500 првачиња
Најголема разлика засега се гледа кај генерацијата родена во 2020 година.
Тогаш во земјава биле родени 19.031 дете, а за учебната 2026/27 досега се запишани околу 14.500 првачиња.
Разликата е повеќе од 4.500 деца, односно речиси 24 проценти од генерацијата.
Оваа споредба сепак мора да се земе со резерва, бидејќи бројот на првачиња за 2026/27 сè уште не е конечен.
Иселувањето е дел од објаснувањето
Не може секое дете што недостига во споредбата автоматски да се смета за иселено. Дел од децата може да тргнат на училиште една година порано или подоцна, дел се родени во земјава, но живеат во странство, а има и обратни случаи – деца родени надвор од Македонија кои подоцна се враќаат.
Сепак, трендот јасно покажува дека покрај падот на наталитетот, земјата губи и дел од веќе родената детска популација пред таа да стигне до училишните клупи.
Демографите со години предупредуваат дека токму иселувањето на млади семејства е една од главните причини за празнењето на училиштата, особено во помалите населени места.
Празни паралелки и затворање училишта
Последиците веќе се гледаат во образовниот систем. Годинава се очекува затворање на 26 подрачни училишта, а во основното и средното образование има стотици паралелки помалку.
Ако сегашниот тренд продолжи, проблемот нема да биде само во тоа што ќе има помалку ученици, туку и во одржливоста на целиот систем – од училиштата и наставниот кадар, до локалните заедници кои остануваат без млади семејства.
Македонија, всушност, се соочува со двоен демографски удар: се раѓаат сè помалку деца, а дел од оние што се раѓаат не остануваат во земјата доволно долго за да седнат во македонските училишни клупи.


