Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека европските држави покажуваат слабост во однос на војната во Украина и дека Русија има силна позиција во конфликтот. „Мислам дека тие (Европејците) се слаби, но исто така мислам дека сакаат да бидат политички коректни. Не мислам дека знаат што да прават“, изјави Трамп во интервју за британскиот портал Политико.
Тој ги обвини европските лидери за недоволна активност и оцени дека имиграцијата ја загрозува стабилноста на повеќе земји во ЕУ. Трамп повтори дека инвазијата врз Украина „никогаш немаше да се случи“ доколку тој бил претседател во 2022 година, наведувајќи дека Киев изгубил „многу стратешка територија“ и дека можеби ќе мора да прифати компромис.
Американскиот претседател смета дека Украина треба да одржи претседателски избори. „Мислам дека е важно да се одржат избори… Знаете, тие зборуваат за демократија, но во одреден момент, тоа веќе не е вистинска демократија“, рече тој, додавајќи дека Зеленски треба да ги разгледа најновите мировни предлози: „Треба да ги прочита. На неговиот тим му се допадна предлогот. Навистина им се допадна“.
Трамп остро ги критикуваше и имиграциските политики на неколку европски влади, тврдејќи дека „катастрофалните одлуки“ ги промениле европските метрополи како Париз, Лондон и Стокхолм, и дека „Европа е во опаѓање затоа што ја водат слаби лидери“. Истовремено, ја потврди својата поддршка за одредени европски лидери, меѓу кои и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој нагласи дека нема намера да ги повлече САД од НАТО, но очекува европските земји „да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана“.
На изјавите на Трамп реагираше претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој од Даблин порача дека „сојузниците мора да се однесуваат како сојузници“. „Не треба да се мешаме во внатрешниот политички живот на нашите земји… Ние го почитуваме изборот на Американците и тие мора да го почитуваат демократскиот избор на нашите граѓани“, додаде Кошта.
Кошта претходно во Брисел учествуваше на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

