Американските сенатори доцна синоќа постигнаа привремен договор за да ја прекинат буџетската блокада што трае веќе 40 дена и која предизвика сериозни последици врз јавните услуги низ земјата, пренесуваат американските медиуми.
Но, кризата се продлабочи денеска откако претседателот Доналд Трамп преку својата платформа Truth Social им упати остро предупредување на контролорите на летање кои одбиваат да се појават на работа бидејќи не добиваат плата.
Минатата недела беа откажани илјадници летови, а само денеска американските авиокомпании пријавија повеќе од 1.500 откажани летови, што предизвика дополнителен хаос во воздушниот сообраќај.
Во својата објава, Трамп порача дека сите контролори мора веднаш да се вратат на работа, најавувајќи казни за оние кои одбиваат да го сторат тоа, додека на „патриотите“ кои продолжиле да работат за време на блокадата им вети бонус од 10.000 долари.
„Сите контролори на летање мора веднаш да се вратат на работа! Секој што нема да го стори тоа ќе биде строго казнет… За оние кои беа големи патриоти и не зедоа слободни денови за време на ‘измамата за затворање на демократите’, ќе препорачам бонус од 10.000 долари по лице,“ напиша Трамп, додавајќи дека „оние кои не се појавиле на работа ќе бидат заменети со вистински патриоти кои ќе ракуваат со најсовремена опрема“.
Затворањето на владата, кое трае рекордни 40 дена, доведе до недостиг на персонал во клучните федерални служби, меѓу кои и во Федералната управа за воздухопловство (ФАА). Поради безбедносни причини, ФАА од петокот им наложи на авиокомпаниите да ги намалат дневните летови за 4% на 40 најпрометни аеродроми.
Планот предвидува дополнително намалување од 6% во вторник, а до 10% на 14 ноември, доколку владината блокада не биде целосно укината.
Сенатскиот договор, според медиумите, треба привремено да обезбеди финансирање на федералните институции и да им овозможи на вработените повторно да почнат да примаат плати, но политичката неизвесност околу усвојувањето на конечниот буџет останува.

