За подобар пристап и поголема безбедност работиме на нови клучки на експресниот пат Крива Паланка – Страцин!, најави Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП)
По пуштањето во употреба на делницата Крива Паланка – Страцин, се јави потреба од дополнителни клучки за подобра поврзаност со локалната патна мрежа. Токму затоа денеска со мојот тим од ЈПДП, заедно со пратеникот Бране Петрушевски,градоначалникот на Општина Ранковце Борче Спасовски, неговиот тим, како и актуелни советници во советот на општината бевме на терен на локациите каде што ќе се градат нови две клучки, истакна Трајановски.

Трајановски посочи дека за полесен пристап до селата и населените места кај месноста „Десетак“ ќе изградиме клучка, а за подобра поврзаност во близина на индустриската зона „ТИРЗ Ранковце“ ќе се гради и клучка Петралица.
„Очекувам наскоро одобрување од надлежните институции на Проектната документација, процес кој е во завршна фаза.
Со овие проекти ќе овозможиме:
Побезбеден и поефикасен сообраќај,
Подобра достапност до образовни, здравствени и економски центри,
Намалено време на патување, како и
Поттик за локалниот развој, туризам и инвестиции.
Посветено работиме на унапредување на патната инфраструктура и обезбедување на современи и безбедни патишта низ целата држава“, потенцираше Трајановски.