Трагедија се случи во Мексико за време на натпревар во борење кога 75-годишен судија почина откако беше фрлен на подот од страна на борачот Хозе Анхел. Инцидентот го објави порталот „Azteca Noticias“.
Според медиумските извештаи, судијата останал неподвижен по ударот, додека гледачите на почетокот мислеле дека сè е дел од претставата, со оглед на тоа што мексиканското борење често вклучува однапред планирани и театарски сцени.
Сепак, ситуацијата набрзо станала сериозна. Медицинскиот тим влегол во рингот и се обидел да му помогне на судијата, но лекарите го прогласиле за мртов на лице место.
Полицијата го привела борачот Хозе Анхел, кој се соочува со обвиненија за убиство од небрежност. Властите продолжуваат со истрагата за да ги утврдат сите околности на овој трагичен настан.
Иако мексиканското борење е познато по својата театралност и инсценираните сцени, повредите за време на настапите не се невообичаени. Овој случај уште еднаш го покрена прашањето за безбедноста и одговорноста на учесниците во случај на сериозна повреда или смрт за време на спортски настани.


