Маж почина по расправија со друг маж на плажа јужно од Атина, Грција, јавуваат медиумите. Инцидентот се случил на плажата во Вулијагмени, луксузно крајбрежно одморалиште лоцирано на околу дваесет километри од центарот на грчката престолнина.
Според полициските извори пренесени од грчката новинска агенција АНА и јавниот радиодифузен сервис ЕРТ, расправијата меѓу 82-годишен и 76-годишен маж наводно започнала за лежалка за плажа, по што ситуацијата ескалирала во физичко насилство.
По инцидентот, 76-годишниот маж и 21-годишната жена која била со него се уапсени. Според информациите од „Катимерини“, жената е ослободена, додека мажот е во притвор и се очекува да се појави пред обвинител.
Како што објавува „Танјуг“, 82-годишниот маж бил однесен во болница, каде што и починал. Властите сè уште не утврдиле дали неговата смрт е директно предизвикана од ударите што ги добил или од медицински проблем што се појавил за време на расправијата, а полицијата продолжува со истрагата за утврдување на точните околности.

