Најмалку 16 лица го загубија животот во голем пожар што синоќа избувна во дом за стари лица во градот Манадо, во индонезиската провинција Северен Сулавеси. Според информациите од локалната полиција, пожарот настанал додека станарите спиеле во приземниот објект.
Полициските власти потврдија дека 15 лица настрадале во огнената стихија, додека телото на уште една жртва било пронајдено незафатено од огнот. Во спасувачката акција, која траела повеќе од два часа, на пожарникарите им помагале и соседите, успевајќи да извлечат дел од корисниците на домот.
Вкупно 15 преживеани лица се хоспитализирани во две болници во Манадо. Иако првичните претпоставки беа дека дефект на електричната инсталација е причина за несреќата, локалните власти соопштија дека истрагата е сè уште во тек за официјално утврдување на причините.

