Бројот на жртви како последица на непочитување на сообраќајни правила во првите пет месеци годинава е намален со примената на системот „Безбеден град“. Резултатите за првите пет месеци годинава се 17 човечки животи повеќе отколку една година претходно, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тошковски, во гостувањето на „Топ тема“ направи споредба првите пет месеци од 2026 со првите пет месеци во 2025 година, иако „Безбеден град“ со казни започна да се применува од февруари годинава.
-Сите загинале како последица на непочитување на сообраќајни правила. Во 2025 година во првите пет месеци имаме 56 жртви, во 2026 имаме 39. Неспорен факт. Колку чини еден човечки живот, јас не знам – изјави Тошковски.
МВР, нагласи Тошковски, две години макотрпно работеше на овој проект којшто е најгорлив за македонските граѓани кога зборуваме за безбедност.
-Ова е систем којшто за да ги даде посакуваните резултати навистина требаат повеќе од пет месеци – изјави Тошковски, најавувајќи дека максимално репресивно ќе се дејствува на сите што дивеат по македонските улици.
Првите чекори коишто ќе следат во делот на странските возила, Тошковски, најави дека ќе бидат видливи за еден месец.
-Дали камерите регистрираат странски таблички – да. Дали ќе бидат предмет на казнување – да. Дали се во системот – да. Како ќе го подобриме процесуирањето на истиот ќе видат македонските граѓани за брзо, меѓутоа работиме интензивно и на тоа – изјави Тошковски.
Министерот сподели загрижувачка статистика за изминатиот месец, каде што од 12 жртви во сообраќајот, дури 5 се мотоциклисти. Тој нагласи дека полицијата ќе дејствува „максимално репресивно“ кон оние кои „дивеат“ по улиците.
– За тројца од загинатите сум сигурен дека не носеле кацига. Ги замолувам сите кои управуваат мотор – секогаш носете кацига! Кацигата не се носи заради другиот, туку заради себе, таа спасува живот – потенцираше Тошковски.
Во однос на електричните тротинети, кои се посочени како огромен безбедносен предизвик министерот Тошковски рече дека веќе се консултирал со голем број амбасадори за искуствата од нивните земји и најави законски измени.


