Македонија во ЕУ, но не по цена на најсветото!

Голема чест и одговорност е да бидам копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет во рамки на Европската Унија, пишува на фб градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Ова не e лична чест, туку и можност гласот на Македонија, гласот на нашите општини и на нашите граѓани, достоинствено да се слушне таму каде што се разговара за европската иднина.

На седницата разговаравме за улогата на локалната власт во процесот на европска интеграција, за размена на искуства, за зајакнување на соработката меѓу општините и за реформите кои треба да донесат подобар живот за граѓаните.

Но, разговаравме и отворено за предизвиците.

За кочниците на европскиот пат на Македонија.

За неправдите кои нашата држава ги чувствува од соседна Бугарија.

За условувањата кои не се дел од европските вредности и кои не смеат да бидат пречка за иднината на еден народ.

Нашата позиција е јасна, цврста и достоинствена – Македонија сака да биде дел од Европската Унија, но не по цена на својот идентитет, јазик, историја и достоинство.

Како што јасно порача и премиерот Христијан Мицкоски, нема отстапки од македонскиот идентитет по ниту една цена.

Европската интеграција останува стратешки приоритет на Македонија.

Но, тоа мора да биде пат на принципи, почит и еднаквост. Пат на реформи, развој и европски стандарди, а не пат на уцени, негирања и понижувања.

Општините имаат клучна улога во овој процес.

Тие се најблиску до граѓаните, тие ги спроведуваат реформите на терен и тие се директни партнери во приближувањето на локалните стандарди кон европските.

Ние ќе продолжиме да градиме европски општини, силни институции и достоинствена држава.

Македонија има место во Европа.

Но Македонија таму треба да влезе исправена, со крената глава и со зачуван македонски идентитет.

Затоа што европската иднина има смисла само ако во неа влегуваме како Македонци, со своето име, својот јазик и своето достоинство, пишува градоначалникот на ФБ.

Exit mobile version