Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека привршуваат разговорите со државните институции за ребалансот на Буџетот и дека наскоро ќе биде познато од каде ќе се крати, а каде има простор за зголемување.

Во интервју за телевизија „Сител“, министерката верчерва открива дека одредени институции преку кои оди финансирањето на проектите во општините имаат побарувања за зголемување на ставката за капитални расходи.

–  Не сме ги завршиме разговорите со сите министерства. Со затворање на тие состаноци ќе почнеме да ги разгледуваме состојбите, да видиме од каде има простор да се скрати, а каде да се дополни. Од одредени институции има побарувања да се зголеми ставката за капитални расходи. Тоа се институции преку кои оди финансирањето на проектите – посочи Димитриеска-Кочоска.

Отплатата на старите долгови вели дека оди согласно со проекциите во Буџетот.

– Сето она што значеше да обезбедиме средства за отплата на старите долгови, сето тоа го направивме – вели Димитриеска-Кочоска.

Во однос на јавниот долг, министерката за финансии вели дека во контиунитет се движиме околу 60 проценти и дека Владата успешно го менаџира овој дел. Смета дека зголемувањето на долгот не е страшно ако е правилно насочено затоа што секој нов долг насочен кон проект којшто ќе има додадена вредност за економијата во суштина ќе го намалува тој процент на јавен долг.

– Како министер за финансии сум фокусирана и работам на тоа, тој што ќе ме наследи да не биде во ситуација секоја година да има огромни еврообврзници за враќање како што беше ситуацијата во овие четири години. Најголемата тежина на Министерството за финансии е што сите долгови се сконцентирани во четири години, нагласува Димитриеска-Кочоска.

Exit mobile version