Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Полициската академија во Скопје се обрати на отворањето на обуката за истраги и кривично гонење на кривични дела поврзани со дроги, организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), со поддршка на Амбасадата на САД.
На настанот присуствуваа и Каролајн Р. Боденхеген од Бирото за меѓународни прашања поврзани со наркотици и спроведување на законот (INL) и регионалниот претставник на UNODC за Југоисточна Европа, Данило Рици. Истакнувајќи ги досегашните резултати на полицијата, министерот Тошковски нагласи:
– Годината ја започнавме со откривање на над 10 килограми кокаин, за да продолжиме со една од најголемите операции каде беа одземени над 40 тони марихуана и канабис-биомаса, а во одделни акции беа запленети дополнително 150 и 65 килограми марихуана, па сè до последната акција минатата недела кога откривме 680 килограми стебла канабис. Дополнително реализирани се повеќе случаи поврзани со хероин, синтетички дроги, вклучително амфетамин, метамфетамин и МДМА.
Тој посочи дека фокусот во иднина се префрла на разоткривање на организаторите и нивните парични текови:
– Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија. Тоа бара силна меѓународна соработка, навремена размена на информации и заедничко дејствување.
На крајот, Тошковски им даде целосна поддршка на истражителите и изрази благодарност до меѓународните партнери за соработката во зајакнувањето на институционалните капацитети.


