Целта не е само да ја откриеме дрогата и сторителите. Мора да ги следиме парите, да го откриваме и одземаме имотот стекнат со криминал и да ги користиме сите законски механизми што ни стојат на располагање – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во објава на Фејсбук на МВР по средбата со регионалниот претставник на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за Југоисточна Европа, Данило Рици.

На средбата биле разгледани можностите за унапредување на пристапот во справувањето со проблемот со дрогата преку користење на меѓународни искуства, експертска поддршка и координирано делување на институциите.

Според Тошковски, ефикасната борба против недозволената трговија со дрога бара силни институции, обучени полициски службеници и современи истражни капацитети.

– Борбата против недозволената трговија со дрога бара силни институции, добро обучени полициски службеници и истражители и современи истражни капацитети. За нас е значајна соработката со UNODC, особено во делот на истрагите, финансиските текови поврзани со криминалот и одземањето на незаконски стекнатиот имот, истакнал Тошковски.

На средбата била поздравена и поддршката што UNODC, во партнерство со Амбасадата на САД, ја обезбедува за спроведувањето на Националната стратегија за дроги.

Во таа насока, во наредните четири дена во Полициската академија ќе се спроведе специјализирана обука за истраги поврзани со дрога, со акцент на финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники.

Регионалниот претставник на UNODC, Данило Рици, ги претставил тековните проектни активности на организацијата и оценил дека Министерството за внатрешни работи е значаен и кредибилен партнер во реализацијата на заедничките проекти во регионот

Exit mobile version