Во рамки на учеството на Интерпарламентарната конференција на тема „EU Enlargement: A Strategic Agenda for Europe’s Future“, која се одржува на 28 и 29 септември во Тирана, Република Албанија, делегацијата на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, составена од потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата, Антонијо Милошоски, и пратеничката Даниела Белимова, член на Комисијата, остварија билатерална средба со делегација од Ирска, предводена од Бери Ворд, претседател на Заедничката комисија за прашања на Европската Унија при ирскиот Парламент.

На средбата беше потврдена силната и континуирана поддршка од Ирска за европската перспектива на Република Северна Македонија и за напредокот на земјата кон полноправно членство во Европската Унија. Во разговорот беше истакнато значењето на примената на јасни, објективни и мерливи критериуми во процесот на пристапување, при што фокусот треба да биде ставен на исполнувањето на Копенхашките критериуми, спроведувањето на неопходните реформи и постигнатите резултати од секоја земја кандидатка.

Беше нагласено дека пристапниот процес треба да се темели на мериторен принцип, односно напредокот да зависи од индивидуалните постигнувања и исполнувањето на преземените обврски. Во тој контекст, беше истакнато дека билатералните прашања не треба да го определуваат или попречуваат европскиот интегративен процес, туку дека клучен фокус треба да останат европските стандарди, реформите и исполнувањето на критериумите за членство.

Особено беше поздравена поддршката од Ирска во периодот на нејзиното тековно претседавање со Советот на Европската Унија, како важен придонес кон одржувањето на кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги процес на проширување. Соговорниците ја истакнаа и важноста од продолжување на парламентарната соработка и размената на искуства, особено во делот на европските интеграции, реформските процеси и јакнењето на парламентарниот надзор врз исполнувањето на европските стандарди.

Exit mobile version