Проблемите со корупцијата на највисоко ниво произлегуваат пред сè од состојбите во правосудниот систем, изјави денеска вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, одговарајќи на новинарски прашања за време на Регионалниот форум „Од политика до импакт: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи во Западен Балкан“. Тој нагласи дека токму затоа е покрената иницијативата за разрешување на јавниот обвинител.
„Мислам дека целиот проблем околу корупцијата на високо ниво се состои во правосудниот систем. Затоа е и покрената иницијативата за разрешување на јавниот обвинител. Мислам дека судскиот систем треба да се реформира. Работиме во таа насока со нашите партнери“, рече Фетаи.
Тој потсети и на претходните проблеми со Антикорупциската комисија, додавајќи дека со изборот на нов претседател се очекува поактивна соработка меѓу институциите.
„Сега веќе имаме нов претседател таму и верувам дека во блиска соработка со сите институции – Владата, Собранието, антикорупциските тела и со правосудниот систем, ние ќе се бориме против корупцијата на високо ниво. Исто така, ќе бараме да има судски разрешници, конфискација на имот…“, рече тој, изразувајќи надеж дека новата стратегија за борба против корупцијата ќе донесе подобри резултати и редовни тримесечни извештаи, што би придонело и за позитивна оценка од Европската комисија.
Во однос на постапката за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, Фетаи потврди дека одлуката веќе е донесена на владина седница и дека очекува Собранието да ја усвои.
„Да, на одржаната владина седница, ние донесовме одлука за започнување на постапката за разрешување на јавниот обвинител заради добро познати причини. … Сега топката е кај Собранието и се надевам дека во одредените законски рокови, Собранието ќе постапи за негово разрешување“, изјави тој.

