Колони граѓани од цела Србија денеска се упатуваат кон Нови Сад за да присуствуваат на комеморативниот собир по повод годишнината од трагедијата на железничката станица, во која загинаа 16 лица, вклучително и еден македонски државјанин.

Граѓаните во Нови Сад палат свеќи и оставаат цвеќе на оградата на железничката станица. Во градот има огромно полициско присуство. Поставени се и штандови со вода и сокови за присутните на комеморацијата. 

Трагедијата се случи пред точно една година кога се урна бетонска настрешница на реновираната станица. Во несреќата загинаа 16 луѓе, а едно девојче беше тешко повредено. До денес, за несреќата не е утврдена кривична одговорност. Во Србија денеска е прогласен и Ден на жалост.

По повод годишнината, во Белград се одржа парастос за жртвите во храмот Свети Сава, на кој присуствуваа претседателот Александар Вучиќ и членови на Владата.

Патријархот Порфирије во својата беседа повика на мир.

„Прво во секој од нас, потоа мир меѓу нас. Нека Господ ни даде на сите нас, духовните чеда на Свети Сава, спознание дека сме потребни едни на други, чувство дека сме едно“, рече патријархот Порфирије.

Претседателот Вучиќ преку Инстаграм порача дека овој ден ја променил Србија засекогаш.

„Помина една година од денот што ја промени Србија засекогаш. Шеснаесет животи беа згаснати поради падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. Денеска палиме свеќа за секој од нив, молејќи се во тишина и верувајќи дека нивните имиња и сеќавања засекогаш ќе останат во нашите срца“, рече Вучиќ.

Exit mobile version