Бранислав Светозаревиќ, носител на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ во општина Тетово на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ се обрати и на самиот почеток истакна дека општина Тетово на вториот јавен повик за финансирање на општините, аплицирала со 40 проекти во висина од 13 милиони евра и го истакна фокусот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Општина Тетово во рамките на вториот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти од Владата на Република Македонија аплицираше со 40 проекти во висина од 13 милиони евра. Фокусот на идниот состав на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, ќе се усмери кон решавање на најгорливите прашања на нашиот град и нашата општина. Еден од најголемите приоритети е квалитетот на живеењето на граѓаните, па покрај патната инфраструктура ќе се фокусираме во многу почиста средина од ова што денес го имаме, преку најразлични решенија за решавање на сообраќајниот хаос, поефикасен и бесплатен јавен превоз, поефикасно решавање на проблемот со градскиот смет, претоварна станица и селекција на отпад, обновување на водоводната мрежа, нов градски парк“, рече Светозаревиќ.
Светозаревиќ потенцираше дека за младите ќе се формира и дигитален центар, и дека со трудољубивост и многу работа општина Тетово ќе стане подобро место за живеење за сите граѓани.
„За младите Младински културен центар, потоа Центар за знаење и практични вештини, Бизнис инкубатор, формирање на дигитален центар, во кои ќе се собираат ученици и студенти кои работат на дигитални решенија. Затоа ви ветувам дека заедно со овие прекрасни луѓе од листата на советници на ВМРО ДПМНЕ ќе дадеме сѐ од себе, свесни на предизвиците и реалните проблеми со кои ќе се соочуваме, дека посветено ќе работиме на нашите планови и заедно со нашите коалициони партнери и поддршката на Владата и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, ќе успееме нашето Тетово и нашата општина да бидат подостоинствено место за живеење на сите граѓани во нив“, дециден е Светозаревиќ.