Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, во дебатата на Телевизија 24 остро го адресираше проблемот со јавниот превоз во главниот град, истакнувајќи дека решението постои но е четири години закочено.

„Решението за Град Скопје е дефинитивно БРТ системот,“ порача Шукова, посочувајќи дека станува збор за веќе подготвен проект со целосно обезбедено финансирање, кој не е реализиран поради незаинтересираност и неспособност на актуелното градско раководство.

„Обезбеден е проект, обезбедени се средства коишто за жал 4 години стојат непотрошени за првата траса од Ѓорче Петров до Аеродром. Ако веднаш се започне со спроведување на проектот, граѓаните веќе во 2028 година ќе можат да ја користат првата БРТ линија,“ истакна Шукова.

Таа додаде дека паралелно со реализацијата на оваа траса, ќе се работи и на подготовка на втората линија која ќе го поврзе северот и југот на градот, како и на набавка на нови еколошки автобуси кои ќе го поддржат функционирањето на системот и ќе ги заменат постојните, дотраени возила на ЈСП.

„Автобусите што денес ги користи ЈСП се во навистина девастирана состојба. Потребна е набавка на нови, современи и еколошки автобуси кои ќе ги „хранат“ овие линии на БРТ системот. Сметаме дека ова е единственото, најбрзо и најадекватно решение за брз и ефикасен јавен транспорт во Скопје,“ нагласи Шукова.

Со визија за современо, зелено и функционално Скопје, Шукова порачува дека како иден градоначалник ќе го деблокира овој стратешки проект и ќе го врати квалитетот на живот на скопјани.

Exit mobile version