Судскиот совет за денеска во 15:30 часот закажа 535-та итна седница со единствена точка на дневен ред: „Расправа и одлучување по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на предлог за куќен притвор“.

Станува збор за судијата Ѓоко Ристов, за кого претходно денеска Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) побара мерка куќен притвор и одземање на пасошот.

Откако ОЈО ГОКК го сослуша Ристов и му ги предочи доказите, достави предлог до судија на претходна постапка за определување мерки за обезбедување присуство. Од Кривичниот суд претходно информираа дека судијата на претходна постапка го добил предлогот, но бидејќи се работи за судија кој ужива имунитет, постапката беше ставена во мирување додека не се произнесе Судскиот совет. 

„Судијата веднаш достави известување до надлежниот Судски совет од каде се очекува одговор, по што ќе продолжи со постапување“, соопштија од Кривичен.

Доколку попладнево Судскиот совет му го одземе имунитетот на Ристов, се отвора патот Кривичниот суд да донесе решение за негов куќен притвор.

Во куќата на родителите на Ристов, истражителите најдоа 350.000 евра заѕидани во ѕид.

Exit mobile version