Откако влезе во ексклузивниот клуб на милијардери во 2023 година, пејачката Тејлор Свифт оттогаш речиси го дуплираше своето богатство.
Според новата листа на Форбс за 2026 година, на која се наоѓаат 22 познати личности чиј имот надминува една милијарда долари, нејзиното богатство сега се проценува на околу 1,85 милијарди евра. Ова ја стави 36-годишната ѕвезда во друштво на имиња како Ким Кардашијан, Ријана, Бијонсе, Стивен Спилберг и Опра Винфри.
Свифт така го освои седмото место на листата на најбогати познати личности, што е подобрување во однос на деветтото место од минатата година. Таа го постигна статусот на милијардерка благодарение на огромниот успех на нејзината рекордна турнеја „Ерас“, како и приходите од нејзиниот музички каталог.
Минатата година ги купи правата за своите први шест албуми, а вредноста на нејзиниот комплетен музички каталог се проценува на околу 830 милиони евра. Покрај тоа, тaa поседува и недвижен имот, чија вредност се проценува на околу 92 милиони евра.
Листа на најбогати познати личности
Најбогатата позната личност на листата на Форбс е режисерот Стивен Спилберг, чие богатство се проценува на околу 6,6 милијарди евра. Се верува дека режисерот со најголема заработка во филмската историја добива околу 92 милиони евра годишно од приходите од тематскиот парк „Јуниверзал“, благодарение на договор што го потпишал во 1987 година.
Зад него се Џорџ Лукас со 4,8 милијарди евра, потоа легендарниот кошаркар Мајкл Џордан со околу 4 милијарди евра, како и поранешниот сопственик на империјата на WWE Винс Мекмахон, чие богатство се проценува на 3,3 милијарди евра. По нив следуваат Опра Винфри со околу 3 милијарди евра, раперот Џеј-Зи со 2,6 милијарди евра и пејачката Тејлор Свифт, чиј имот изнесува околу 1,85 милијарди евра.
Веднаш зад неа е Ким Кардашијан со околу 1,75 милијарди евра, додека режисерот Питер Џексон има иста проценета вредност на богатството. На листата се наоѓаат и поранешниот кошаркар Меџик Џонсон со околу 1,5 милијарди евра, голферот Тајгер Вудс и телевизискиот продуцент Дик Волф, чие богатство се проценува на по 1,38 милијарди евра. Следат продуцентот и режисер Тајлер Пери и кошаркарската ѕвезда Леброн Џејмс, со по околу 1,29 милијарди евра.
На листата се наоѓаат и музичарот Брус Спрингстин и актерот Арнолд Шварценегер, чие богатство се проценува на околу 1,1 милијарда евра. Клубот на милијардери со богатство од околу една милијарда евра го сочинуваат комичарот Џери Сајнфелд, тенисерот Роџер Федерер и режисерот Џејмс Камерон.
Листата ја затвораат Ријана, Бијонсе и Д-р Дре, чие богатство се проценува на околу 920 милиони евра.


