Нови врати и прозорци, реновирани тоалети, современо опремени соби и централно греење и ладење.
Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ наскоро ќе добие целосно нов лик, а студентите веќе од 1. февруари ќе можат да се вселат во реконструираниот објект.
Градежните работи се во завршна фаза, а министерката за образование и наука, денеска изврши увид во обновените простории.
Реконструкцијата на домот, чија вкупна вредност изнесува околу 10 милиони евра, треба да обезбеди значително подобри услови за престој и учење на студентите.
„Слично или исто како во ‘Стив Наумов’, условите се идеални. Собите се опремени со плакар, работна маса и столчиња, кревети и мијалник, има централно греење и ладење. Условите се на хотелско ниво“, Александар Каровски, директор на Државниот студентски дом во Скопје.
Домот има капацитет за сместување на 280 студенти, кои по завршувањето на реконструкцијата ќе добијат многу поквалитетни услови за живеење.
А месечно престојот еден студент ќе го чини 6.600 денари.
Од Министерството посочуваат дека вложувањата во студентскиот стандард се зголемуваат, а целта е младите да добијат подобри услови за образование и престој во земјава.
„Грижата за студентскиот стандард е многу подигната во период од неколку години. Практично, буџетот за оваа намена е двојно зголемен ако ги споредиме 2022 и 2026 година. Продолжуваме посветено да работиме за младите да бидат задоволни од вниманието од државата, да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваат и да ги задржиме тука, во сопствената земја, да го реализираат својот потенцијал“, порача Јаневска.
„Кузман Јосифовски-Питу“ е вториот студентски дом од вкупно девет во државата опфатени со проектот за реконструкција.
За целиот проект се предвидени 86 милиони евра, од кои 60 милиони се обезбедени преку кредит, 22 милиони преку грант, а четири милиони евра се средства од државниот буџет

