Стојковски: Потребни се нови инспектори - планирани се нови вработувања

За загадувањето на воздухот направивме контрола во Скопје на скоро сите субјекти од големата индустрија како што се Макстил, Цементарница, Дрисла итн. Скоро секаде има направено мерења согласно А-интегрираните еколошки дозволи. Инаку, секоја година во планот за надзори ни се предвидени овие компании, обично во декември и јануари. Немаше отстапувања во однос на зададените параметри во интегрираните еколошки дозволи. Дел од нив имаат и сопствен 24-часовен мониторинг  како што се Цементарница, Дрисла и Макстил, информираше денеска в.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски.

Тој на прес-конференцијата се осврна и на Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина, што сега влегува во завршна собраниска процедура после цели пет години.

Имено, во предлог-законот ново е воведувањето на повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина, со што ќе се обезбеди инспекциски надзор на целата територија на Република Северна Македонија, односно на централно и локално ниво, преку донесување на Национална стратегија и Програма за инспекциски надзор во животната средина.

Законот е во насока на надминување на сегашните предизвици со човечките ресурси, соодветно планирање и соработка со инспекцискиот надзор на централно и локално ниво во согласност со политиките за животна средина, а воведено е и планирање засновано на критериуми за процена на ризикот кој го имаат субјектите на надзорот врз животната средина.

– Согласно годишниот план за вработување на ДИЖС за 2022 година со Министерството за финансии се планирани шест нови вработувања и тоа три помлади инспектори за води природа како и три административни работници. Во завршна фаза се и двата огласи за прием на советници инспектори за животна средина во Куманово и во Велес. Согласно систематизацијата имаме предвидено 41 инспектор, пополнетоста во моментот е околу 48 отсто, значи околу 20 инспектори. Потребни се нови инспектори, но бидејќи оваа година имаме обезбедено средства само за толку вработувања – за тројца инспектори, ние побаравме да се вработат тие за да можат, бидејќи постоечките инспектори веќе се во зрели години и пред заминување од оваа институција – пензионирање за да има време да ги обучат барем тие двајца млади па потоа за наредната година 2023 да планираме дополнителни инспектори и по животна средина. Некаде за две до три, а можеби и четири години, наведе Стојковски.

Тој информираше дека во наредната 2022 година ДИЖС ќе биде дел од платформата е-инспектор која веќе од 1 јануари почнува да се спроведува во три инспекторати, Трудовиот, Пазарниот и Управниот, а сите останати како и ДИЖС ќе почнат во вториот дел од наредната година со воведување на дигитализација на инспекциските постапки.

30.12.2021 - 12:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега