По повод Меѓународниот ден на младите, претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски, на денешната прес-конференција упати остри критики до власта, обвинувајќи дека наместо услови за развој и соодветно образование, младите се соочуваат со занемарување и демотивација.
Според Стојчевски, младите треба да бидат двигатели на развојот, но актуелните политики ги принудуваат да ја напуштат државата.
„Денеска е Меѓународен Ден на младите! Силен потсетник за значењето на младите, најголемиот потенцијал на една држава. Тие се прогресивната сила – двигатели на развојот, носители на иднината. Во нормалните држави владите се фокусирани на создавање подобри услови за младите, подобро образование, работни места, достоинствени плати и сигурен живот, за младите да останат во својата држава. За жала, со Мицкоски, младите во Македонија се тотално заборавени, понижени и потценети од криминалната власт. Ниту имаат услови за достоинствен живот, ниту за кариерен развој, соодветно образовние, ниту се мотивирани, тие се заборавени. Нашите млади живеат во држава која ја води криминална власт која наместо да ги задржи, ги турка да си заминат“, изјави Стојчевски.
Тој се осврна и на инцидентот во Ново Село, посочувајќи дека притисоците врз оние кои мислат поинаку се секојдневие.
„Власта на Мискоски ги демотивира, ги навредува, а во Ново Село видовме и дека ги тепа младите. Ова е власт која и младите што мислат поинаку ги нарекува „талог на општеството“. Власт која создава поделби, омраза и страв. А кога младите ќе проговорат против неправдата, следуваат и физички напади. На овој ден, ќе потсетиме на Ново Село, каде млади активисти од СДММ беа нападнати затоа што ја зборуваа вистината за водата и побараа одговорност. Дигнаа рака на младите затоа што се плашат од вистината. А вистината е дека со ВМРО на власт младите немаат сигурност, ниту достоинствен живот“, рече тој.
Во своето обраќање, претседателот на СДММ реагираше и на економската состојба, партизацијата и евентуалното задолжување на државата.
„Системот што го воспостави Мицкоски и неговата криминална организација овие две години, им ја краде шансата на младите. Нема повисоки плати. Нема систем што ги вреднува знаењето, трудот и способноста на младите. Има само партизација, неправда, поскапувања и рекордни задолжувања. Има скапи задолжувања, за кои сметката ќе ја плаќаат идните млади генерации. За две години оваа Влада генерираше нов долг од 2,5 милијарди евра, а ги намали парите за младите, за студентите, за учениците. Се се тоа милијарди кои одат на контото на криминалните партиски тендери на ВМРО. Младите немаат социјална и економска сигурност – им ја одзеде Мицкоски. Младите немаат безбедна, чиста вода за пиење – системот на Мицкоски е во тотален колапс. Немаат иднина – им ја одзеде Мицкоски со блокриањето на европскиот пат“, додаде Стојчевски.
Тој заклучи дека блокирањето на евроинтеграциите директно влијае врз одлуката на секој трет млад човек за заминување од земјата.
„Додека младите во регионот добиваат европска перспектива затоа што нивните влади работат на забрзување на процесот на интеграција, Со Мицкоски, Македонија стои во место, изолирана. Ја осуди државата и иднината на младите на пропаст. Затоа секој трет млад човек размислува да ја напушти државата. Не гледаат перспектива тука. Затоа се поретко се одлучуваат да формираат семејство. Немаат сигурност. Луксуз е купување стан, луксуз е животот. Ова е најголемиот пораз на една Влада. Доаѓа денот кога младите ќе ја поразат криминалната власт на Мицкоски и ВМРО. Денес, на Меѓународниот ден на младите, имаме една порака: Младите ќе победат. Македонија ќе победи“, порача Стојчевски.

