Досегашниот заменик-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, е избран за нов министер за локална самоуправа на 112. седница на Собранието, посветена на реконструкцијата на Владата.
Стоилковиќ ја презема функцијата од досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински. Од 2024 до 2026 година ја извршуваше функцијата заменик-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците.
Во периодот од 2002 до 2024 година бил пратеник во Собранието, каде што извршувал повеќе функции и бил член на повеќе собраниски тела, меѓу кои Уставната комисија, Комисијата за европски прашања, Комисијата за одбрана и безбедност, како и Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија.
Претходно, од 1992 до 2002 година, бил основач и директор на приватно градежно претпријатие.
Стоилковиќ е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Дополнително се усовршувал во областа на безбедноста и стратешките комуникации, а во 2006 година завршил забрзана школа за безбедност во Центарот „George Marshall“ во Германија. Во 2005 година стекнал диплома и преку програмата на USAID за развој на стратешки комуникации во Вашингтон, САД.


